На ден 02.11.2014 година на воздушното стрелиште во Битола, се одржа V-от КУП од 2014 година со воздушен пиштол и воздушна пушка, во машка и женска конкуренција – меѓународна програма. На натпреварот настапија 30-тина стрелци од повеќе клубови кои постигнаа одлични резултати.
Во категорија воздушен пиштол – мажи првите места беа резервирани за стрелците од Скопските клубови СК “Стрелец” и СК “Работнички” така што на првото место се искачи Тасевски Јордан од СК “Стрелец” со резултат 558 круга, веднаш до него на второто место беше Костадиноски Живко со резултат 554 круга од СК “Работнички” и на трето место се пласира Бранковски Борјан со резултат 549 кругови односно на прво место во јуниорска конкуренција .
Во категорија воздушен пиштол – жени, на првата позиција со добар резултат од 370 круга се искачи Оливера Наковска – Бикова од СК “Работнички” додека на второто место овој пат беше Натка Л. Симовска исто така од СК “Работнички” со резултат 358 круга а веднаш до неа на третата позиција со разлика од три круга помалку со 355 кругови беше Лидија Крстеска од СК “Стрелец”.
Во категорија воздушна пушка – мажи на првата позиција со доста добар резултат се искачи Михаил Шишкоски со резултат од 601,7 кругови од СК “Охрид”. Веднаш до него на втората позиција се пласира Драгослав Кудрановиќ од СК “Стрелец” со резултат од 588,1 круга, додека Стефан Ѓоргиевски од СК “РЕК Битола” се пласира на третата позиција со резултат од 583,4 круга.
Кај девојките во категорија воздушна пушка – жени на првото место очекувано се искачи Ана Ивановска од СК “РЕК Битола” со одличен резултат од 397,9 кругови. Веднаш до неа на втората позиција беше Ангела Алексовска од СК “Охрид” со резултат од 384,8 круга и на третата позиција нејзината клубска конкуренција Јана Маркоска од СК “Охрид” која имаше солиден резултат од 382,2 кругови .
Покрај успешниот настап на стрелците од клубот на V-от КУП од лигата, Стрелачки клуб “Стрелец” – Скопје изразува голема благодарност до Гимназијата Раде Јовчевски – Корчагин од Скопје во која се наоѓа стрелиштето на клубот за тоа што отстапува простор за редовно спроведување на тренажниот процес на стрелците, кои на секој натпревар даваат се од себе за подобар личен и клубски пласман, со што успеваме да сме најтрофеен и најуспешен Стрелачки клуб во Р.Македонија и се надеваме така ќе продолжиме.