На ден 26.12.2015 година на воздушното стрелиште во Гимназијата Корчагин во Скопје се одржа и последниот V-от КУП од лигата за 2015 година со воздушен пиштол и воздушна пушка, во машка и женска конкуренција – меѓународна програма. На натпреварот настапија 30-тина стрелци од повеќе клубови кои постигнаа одлични резултати а Ви ги издвојуваме првите неколку места од секоја категорија.
Во категорија воздушен пиштол – мажи повторно како и на минатиот КУП убедливо на првото место Јордан Тасевски од СК “Стрелец” со испукани 562 круга веднаш до него на второто место се искачи Борјан Бранковски исто така од СК “Стрелец” со резултат од 551 круг додека на третото место беше Блаже Тофиловски од СК “Работнички” со резултат 545 круга.
Во категорија воздушен пиштол – жени, овој пат на првото место се пласира Натка Л.Симовска од СК “Работнички” со резултат од 364 кругови, до неа на второто место беше Лидија Крстеска од СК “Стрелец” со резултат 359 круга додека на третото место се пласира Вероника Велковска од СК “Стрелец” со 349 круга.
Во категорија воздушна пушка – мажи за првите четири места се водеше борба во децимали, на првата позиција се искачи Мартин Ивановски со резултат од 574 круга од СК “РЕК Битола”, веднаш до него на втората позиција се пласира Драгослав Кудрановиќ од СК “Стрелец” со резултат од 572,2 круга и Мартин Гоџоски од СК “Охрид” на третата позиција со резултат 571,6 круга додека Леон Јаневски од СК”Стрелец” и овој пат беше на четвртото место со резултат од 569,4 круга.
Кај девојките во категорија воздушна пушка – жени на првото место беше Нина Балабан од СК “Стрелец” нашата најдобра кандидатка за Олимписките игри 2016 во Рио со резултат во подем од 409,2 круга, по новогодишните празници ќе започнат интензивни припреми за подигање на кондиционата форма и усовршување на техники во однос на ставот со цел уште подобар резултат на Европското првенство кое ја очекува во февруари 2016 во Унгарија. На втората позиција беше Ана Ивановска од СК “РЕК Битола” со резултат од 405,8 круга додека на третата позиција очекувано после само неколку натпревари во нејзината кариера се искачи Антонија А. Тасевска од СК”Стрелец” која имаше личен рекорд со резултат од 390,7 кругови 1 круг помал од минималната MQS Олимписка норма. Антонија полека но сигурно покажува дека со големата посветеност на тренинзите и стручната помош од клубскиот тренер Јордан Тасевски чекори кон врвот и станува сериозна конкуренција во оваа дисциплина а од наредната година се надеваме и на меѓународните натпревари.
Покрај успешниот настап на стрелците од клубот на V-от КУП од лигата во 2015 година, Стрелачки клуб “Стрелец” – Скопје изразува голема благодарност до Гимназијата Раде Јовчевски – Корчагин од Скопје во која се наоѓа стрелиштето на клубот за тоа што несебично отстапува простор за редовно спроведување на тренажниот процес на стрелците, кои на секој натпревар даваат се од себе за подобар личен и клубски пласман, со што успеваме да сме најтрофеен и најуспешен Спoртски Стрелачки клуб во Р.Македонија и се надеваме ќе продолжиме со добрата соработката за уште поголеми успеси.