Општина Карпош отстапи протории на МССФ во спортската сала „Партизан“ на времено користење

Општина Карпош и ги отстапи на Македонската Спортска Стрелачка Федерација (МССФ), дел од просториите во состав на спортската сала „Наум Наумовски Борче“ или популарниот „Партизан“, кој се наоѓа во населбата Карпош 4.

Зелено светло за тоа даде Советот на Општина Kарпош на својaта последна седница.

Станува збор за предметна недвижност која се наоѓа во подрумските простории на спортскиот објект, која се дава на времено користење за период од 10 години без никаков надоместок. Во овој случај МССФ се обврзува комплетно да го опреми подрумскиот простор за спортско стрелаштво, по потреба да инвестира во просторот, редовно да ги подмирува сите трошоци за одржување, како и да ги подмирува режиските трошоци кои произлегуваат од користењето на просторот.

Стрелачката федерација ќе го опреми просторот кој ќе биде наменет исклучиво за спортско стрелаштво со најнови и современи пултови, носачи на мети, електронски мети и заштитни табли, инсталација на две климатски единици за ладење и греење на просторот, како и монтажа на контролно броило за електрична енергија и водомерно броило за потребите на спортското стрелаштво.

Оваа практика ќе се применува заради одвојување на сметките за електрична енергија и вода, опремување на просториите за складирање и чување на воздушното оружје, (мети и дијаболи со метални ормари), како и одржување и обезбедување на просторот во периодот за кој ќе биде задолжена Македонската Спортска Стрелачка Федерација. Со овој потег се отвора можност салата „Партизан“ да стане национален тренинг центар за државните репрезентативци, членови на клубови и сите рекреативци, односно за граѓаните на општина Карпош, како и сите спортски ентузијасти од нашата држава.

Оттука Претседателот Јордан Тасевски, Генералниот секретар Томе Несторовски и раководството кое работеше на овој случај може да се пофали дека ја реализира и последната ветена точка, а тоа е обезбедување на простор за спортско стрелаштво во Скопје кој ќе биде Национален тренинг центар за спортско стрелаштво па оттаму Македонската Спортска Стрелачка Федерација и сите клубови и спортски стрелци изразија голема благодарност до Градоначалникот Стевчо Јакимовски и сите советници што едногласно изгласаа да се додели на користење спортската сала Партизан 4 во Општина Карпош каде и што беше спортското стрелаштво до 2013 г.

Спортското Стрелаштво имало значајни резултати за Македонија, а особено во последните неколку години на Олимписките игри во Токио 2021 и Париз 2024 како резултат на поддршката од новото раководство на МССФ кое од изборот во 2019 г. континуирано и напорно вложуваше нова опрема, оружје и други основни работи за секој активен клуб и стрелец. Оваа значајна одлука на Општина Карпош останува врежана во развојот на Македонското спортско стрелаштво која ќе придонесе многу меѓународни медали, а граѓаните на Карпош и Скопје ќе имаат нов центар за рекреација и место каде ќе се одржуваат меѓународни натпревари почнувајќи со Европските Младински Олимписки игри во јули 2025.