Почитувани љубители на спортското стрелаштво,
Во период од 05-07 декември 2025 г. се одржа 49-от меѓународен натпревар Трофеј на младоста во спортско стрелаштво во Загреб, Хрватска. На овој меѓународен натпревар настапија и стрелците од Државната репрезентација на Македонија во повеќе дисциплини и постигнаа извонредни резултати.
Најуспешна беше Олимпијката од Париз Анастасија Мојсовска која во квалификациите го освои 2-то место и постигна брилијантен резултат од 631,1 кругови (104.9 104.5 105.9 104.4 106.1 105.3), резултат кој е личен и Државен рекорд и воедно резултат кој е најдобар во историјата на Македонското стрелаштво во дисциплината воздушна пушка. Овој резултат од 631,1 кругови ветува сигурен влез во финале на било кој натпревар во светот, а истиот доаѓа како круна на успешно завршената 2025 година во Македонското стрелаштво и увертира за започнување на Олимпискиот квалификациски период во 2026 -та година.Овој резултат е показател дека можеме да се мериме со било кој во светот иако таа има само 23 години но парира на сите најдобри светски сениорки. Анастасија Мојсовска е потенцијален кандидат во спортско стрелаштво за учество на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 и сигурно чекори заедно со својот тренер Јордан Тасевски со кој ќе се обиде да донесе европски или светски медал.

На овој меѓународен натпревар во Загреб со воздушна пушка учествуваа и постигнаа високи резултати и Мартин Ангелески со испукани 625,5 кругови (104.4 104.8 105.0 103.0 103.9 104.4) кој по квалитетно одработеното финале во конкуренција со олимписки стрелци се пласира на 6-то место додека јуниорот Никола Блажевски со испукани 617,5 кругови (102.4 103.0 103.5 102.5 103.4 102.7) се пласира на 4-то место.
За пофалба со одличен резултат и освоен сребрен медал е јуниорката Биљана Караѓорѓева која со извонредни 557 кругови постави нов Државен рекорд додека јуниорот Иван Милевски погоди 530 кругови.

















