Бранковски со нов Државен јуниорски рекорд на II-от КУП од лигата во 2015 год.

borjan na takmicenjeНа ден 25.04.2015 година во Гимназијата Раде Јовчевски – Корчагин, во која се наоѓа стрелиштето на Стрелачки клуб “Стрелец” од Скопје се одржа II-от КУП од лигата за 2015 година со воздушен пиштол и воздушна пушка, во машка и женска конкуренција – меѓународна програма. На натпреварот настапија 30-тина стрелци од повеќе клубови кои постигнаа одлични резултати.

Во категорија воздушен пиштол – мажи извонредни резултати на нашите пиштољаши кои засега се неприкосновени во Македонското спортско стрелаштво. На првото место очекувано без некакви потешкотии се искачи Јордан Тасевски од СК “Стрелец” со резултат од 571 круга а веднаш до него на второто место односно во категорија јуниори на прво место беше Бранковски Борјан исто така од СК “Стрелец” кој со испукани 568 круга постави нов Државен јуниорски рекорд на сите времиња во историјата на Македонското спортско стрелаштво за цели 5 круга. Самиот разултат по себе кажува дека формата на Бранковски е покачена и стабилна со спроведување на добриот тренажен процес на кој целосно е посветен како самиот стрелец така и неговиот тренер во клубот, со што се очекуваат и многу добри резултати и успеси на претстојните меѓународни натпревари. Стрелците од СК “Стрелец” се познати по тоа што знаат да ги освојат без проблем првите три места во оваа категори па така овој пат тоа немаше да се оствари да не беше и Мартин Гелевски од СК “Стрелец” кој се искачи на третата позиција со солиден резултат од 552 кругa.

Во категорија воздушен пиштол – жени, и овој пат како и на првиот КУП на првото место се пласира Натка Лазарева Симовска од СК “Работнички” но со доста подобар резултат од 365 кругови, додека на второ место и овој пат беше Симона Ангелеска од СК “Стрелец” со резултат 352 круга а на третата позиција со 349 круга се искачи Лидија Крстеска исто така од СК “Стрелец”.

Во категорија воздушна пушка – мажи на првата позиција повторно како и на првиот КУП се искачи  Михаил Шишкоски со резултат од 587,1 кругови од СК “Охрид”. Веднаш до него на втората позиција се пласира Мартин Гоџоски од истоимениот клуб СК “Охрид” со резултат од 575,6 круга, додека Стефан Ѓоргиевски од СК “РЕК Битола” мораше овој пат да се задоволи со третото место со резултат од 562,8 круга.

Кај девојките во категорија воздушна пушка – жени на првото место очекувано се врати Нина Балабан од СК “Стрелец” со одличен резултат од 407,5 круга. Веднаш до неа на втората позиција беше Ана Ивановска од СК “РЕК Битола” со резултат од 400,9 круга и на третата позиција Емилија Пејева од СК “Штип” која имаше резултат од 391 кругови .

Покрај успешниот настап на стрелците од клубот на II-от КУП од лигата во 2015 година, Стрелачки клуб “Стрелец” – Скопје изразува голема благодарност до Гимназијата Раде Јовчевски – Корчагин од Скопје во која се наоѓа стрелиштето на клубот за тоа што несебично отстапува простор за редовно спроведување на тренажниот процес на стрелците, кои на секој натпревар даваат се од себе за подобар личен и клубски пласман, со што успеваме да сме најтрофеен и најуспешен Стрелачки клуб во Р.Македонија и се надеваме ќе продолжиме со добрата соработката за уште поголеми успеси.