Покана за учество на 14-от Интернационален отворен турнир во стрелаштво GRAND PRIX SKOPJE 2020

Стрелачки клуб “Стрелец” Скопје ги известува и поканува своите активни членови, рекреативци, пријатели на клубот и љубители на спортското стрелаштво да земат учество или да бидат гости на 14-th International Open Shooting Tournament GRAND PRIX SKOPJE 2020 во организација на Македонската Спортска Стрелачка Федерација.

ГЕНЕРАЛНИ ИНФОРМАЦИИ И ПРАВИЛА за Grand Prix SKOPJE 2020

I. ПОКАНА:

плакат мссф 14 гран при скопје 2020 финал 1-1

II. ПРОГРАМА:

Сабота, 12/09/2020 година
09:00 …. Почеток на натпреварите:
- Target Rifle …………………………. 100 метри……………………….. 20 истрели
- Target Rifle ………………………….. 300 метри…………………….. 20 истрели
15:o0 … Доделување на признанија и наrради.

Недела, 13/09/2020 година
09:00 ….Свечено отварање на Grand Prix SKOPJE 2020
09:20 …..Почеток на натпреварите:
- Пиштол …………………………………………………… 25 метри…………… 10 истрели
- Револвер ………………………………………………….. 25 метри………….. 10 истрели
- Пушкa ……………………………………………………….. 100 метри …………. 10 истрели
- Снајперска тактичка полуавтоматска пушка …….. 100 метри ………… 10 истрели
- Снајперска ловна пушка………………………….……..200 метри ……….. 10 истрели
16:00 …..Доделување на признанија и награди.

III. ПРИЈАВУВАЊЕ:

Поради ограничување на бројот нанатпреварувачи пријавите за поединечно или екипно натпреварување за натпреварот 14-от Интернационален отворен турнир во стрелаштво Grand Prix SKOPJE 2020 натпреварувачите можат да се достават до Македонската Спортска Стрелачка Федерација (МССФ) најдоцна до 09 (среда) Септември 2020 година најдоцна до 00:00 часот на е-маил: mkdshooting@gmail.com со штиклирање на дисциплината во која ќе настапуваат.

Натпреварувачите кои поднесуваат пријава за екипно натпреварување во соодветната дисциплина мора задолжително да поднесат и пријави за поединечно натпреварување односно да имаат учество во истата дисциплина.
Заинтерисираните лица пријавите за учество на 14-от Интернационален отворен турнир во стрелаштво Grand Prix SKOPJE 2020, можат да ги симнат од web страната на МССФ или да ги подигнат од седиштето на Македонската Спортска Стрелачка Фдерација кое се наоѓа на ул. Даме Груев бр. 28 I кат, секој работен ден во период од 09:00-15:00 часот почнувајќи од 25 Август 2020 година.

Поединечна и екипна пријава за Сабота, 12/09/2020 година

Поединечна и екипна пријава за Недела, 13/09/2020 година

IV. СМЕСТУВАЊЕ:

Натпреварувачите од странство кои учествуваат на турнирот можат да се обратат до МССФ за неопходните информации во врска со хотелското сместување во Скопје.

V. ПОДАТОЦИ ЗА ОРУЖЈЕТО И МУНИЦИЈАТА ЗА ПРЕМИН НА ГРАНИЦА

Натпреварувачите од странство треба најкасно до 7 Септември 2020 г. да достават до МССФ преку е-маил: mkdshooting@gmail.com податоци неопходни за премин на државната граница: име и презиме, број на пасош, марка и регистарски број на возилото со кое доаѓаат, граничен премин на кој влегуваат во Р.С. Македонија, датум на преоѓање на границата, марка и тип на оружјето, калибар, фабрички број, број и калибар на куршумите кои ги носат се себе.

На странските натпреварувачи доколку е потребно МССФ ќе им испрати лична поименична покана за учество, а истите со себе за премин на државната граница треба да ја понесат официјалната покана од МССФ.

VI. КОТИЗАЦИЈА:

Котизацијата за поединечно учество на турнирот во сабота на 12.09.2020 година во двете дисциплините TARGET RIFLE 100 и TARGET RIFLE 300 метри за секој натпреварувач изнесува вкупно 1000 денари.

Котизацијата за поединечно учество на турнирот во недела на 13.09.2020 година (во дисциплините пиштол 25м, револвер 25м, пушка 100м, снајперска полуавтоматска тактичка пушка 100м, и снајперска ловна пушка 200м) за секој натпреварувач изнесува 500 денари (при што обезбедува настап во една дисциплина во поединечна и (или) екипна конкуренција, а за настап на натпреварувачот во секоја наредна дисциплина се плаќа по 250 денари по дисциплина.

* Котизација се уплаќа најдоцна до 09 (среда) септември 2020 г. на следната сметка:

Жиро сметка: 300000001002434
Назив на примачот: Македонската Спортска Стрелачка Фдерација
Депонент: Комерцијална Банка А.Д Скопје, Цел на уплата: Пример (Котизација за дисциплина Пиштол 25м)

* Доказ за платена котизација се приложува пред почеток на натпреварот.

Оружјето, муницијата како и предмети за заштита на слух и вид за натпреварите на турнирот ги обезбедуваат самите натпреварувачи. Исто така натпреварувачите сами си обезбедуваат предмети за набљудување на метите како: дурбин двоглет и сл.

VII. ПРАВИЛА за натправарувачките дисциплини:

- Пиштол ……………….. 25 метри ………………. 10 истрели.
Растојанието до метата е 25 метри. Метата е кружна со димензии ø 50 см. Ставот за гаѓање е стоечки. Пиштолот е со централно палење. Нишанскиот систем е механички. Не е дозволена употреба на електронски нишански систем (Red Dot, Aimpoint, Holosight, ласерски нишани и сл.)
Во оваа дисциплина се употребуваат стандардни пиштоли наменети за службена или цивилна употреба како и натпреварувачки пиштоли кои конструктивно се наменети за разни видови на натпревари во стрелаштво.

Некои од производителите за пиштоли кои можат да се употребуваат во оваа дисциплина се: Crvena Zastava, Ceska Zbrojovka, Glock, Heckler and Koch, Beretta, Sig Sauеr, Walther, Browning, Tanfoglio, Bernardeli, Benelli како и други модели на пиштоли на сите други производители за кои судиите по стрелаштво на натпреварот ќе одредат дека можат да се употребуваат во оваа дисциплина.

Револвери не се дозволени.
Дозволено време за подготовка и проба е 5 минути при што не е ограничен бројот на пробните истрели. Времето за натпревар е 10 минути во кое за оценување се истрелуваат 10 истрели.
Вреднувањето на постигнатите резултати е одделно во машка и женска конкуренција, во поединечен или екипен настап. Екипите се составени од 3 натпреварувачи. Натпреварувачите кои се пријавуваат за екипен настап задолжително покрај пријавата за екипен настап, должни се да достават и пријава за поединечен настап.

Во дисциплината Пиштол 25 метри за освоеното прво место нашиот спонзор МИКЕИ  ИНТЕРНАЦИОНАЛ ќе додели награда Range bag од брендот 5.11.

  

- Револвер …………………. 25 метри ………….. 10 истрели.
Растојанието до метата е 25 метри. Метата е кружна со димензии ø 50 см. Ставот за гаѓање е стоечки. Револверот е со централно палење. Нишанскиот систем е механички. Не е дозволена употреба на електронски нишански систем (Red Dot, Aimpoint, Holosight, ласерски нишани и сл.).
Пиштоли не се дозволени.
Дозволено време за подготовка и проба е 5 минути при што не е ограничен бројот на пробните истрели. Времето за натпревар е 10 минути во кое за оценување се истрелуваат 10 истрели.
Вреднувањето на резултатите на сите натпреварувачите во оваа дисциплина е во поединечни настапи и во единствена конкуренција (нема посебна машка и женска конкуренција и нема екипи). Натпреварувачите доставуваат само пријава за поединечен настап.

- Пушка ………………… 100 метри ……………… 10 истрели.
Растојанието до метата е 100 метри. Метата е кружна со димензии ø 50 см. Ставот за гаѓање е лежечки. Се гаѓа од рамо и не е дозволено потпирање на предниот дел од пушката на мека подлога. Не е дозволена употреба на ногарки. Пушката е со централно палење. Пушката може да биде со систем за мануелно репетирање (примери: М-48, М-24, М-98 и сл.); со полуавтоматски систем на репетирање (примери: ПАП М-59/66 и сл.) или со автоматски систем за репетирање (примери: АК 47, АК 74, Застава М-70; Colt М-4, Heckler&Koch 223/308, Heckler&Koch G-36, Sig Sauer 550 и сл.). Пушките со автоматски систем за репетирање дозволено е да се употребуваат на натпреварот, само доколку со истите се гаѓа со полуавтомaтски режим на работа. Употреба на рафална стрелба не е дозволена. Нишанскиот систем е механички. Не е дозволена употреба на електронски нишански систем (Red Dot, Aimpoint, Holosight, ласерски нишани и сл.).
Дозволено време за подготовка и проба е 5 минути при што не е ограничен бројот на пробните истрели. Времето за натпревар е 10 минути во кое за оценување се истрелуваат 10 истрели.
Вреднувањето на резултатите на сите натпреварувачи во оваа дисциплина е во поединечен и/или екипен настап, во единствена конкуренција (нема вреднување на резултати посебно во машка и посебно во женска конкуренција).
Екипите се составени од 3 натпреварувачи. Натпреварувачите кои во оваа дисциплина се пријавуваат за екипен настап задолжително покрај пријавата за екипен настап, должни се да достават и пријава за поединечен настап.

- Снајперска ловна пушка ……………… 200 метри ……………. 10 истрели.
Растојанието до метата е 200 метри. Метата е кружна со димензии ø 35 см. Ставот за гаѓање е лежечки. Се гаѓа од рамо и е дозволено потпирање на предниот дел од пушката на мека подлога. Дoзволено е потпирање на кундакот на пушката на мека или тврда подлога. Не е дозволена употреба на ногарки. Дозволена е употреба на сите нишански системи: оптички нишан, Red Dot, Aim Рoint, Holosigt I sl.). Ласерски нишан не е дозволен. Снајперскиот ловен карабин е со централно палење и истиот може да биде со мануелен или полуавтоматски систем на репетирање. Дозволено е употреба на стандарден променлив магацин за муниција со капацитет до 5 куршуми додека кај фиксен магацин нема ограничување на капацитет. Дозволени се сите калибри. Не е дозволено користење на компензатор (гасна кочница), пиштолски ракофат и преклопен кундак. Вкупната маса на снајперскиот ловен карабин, вклучувајки ги сите прицврстени додатоци како што се нишанот и ремникот не смее да надминува 4,7 кг. Дебелината на цевката на пушката не смее да надминува 17 милиметри, мерено до 50 милиметри од почетокот на круната на цевката.
Дозволено време за подготовка и проба е 5 минути при што не е ограничен бројот на пробните истрели. Времето за натпревар е 10 минути во кое за оценување се истрелуваат 10 истрели.
Вреднувањето на резултатите на сите натпреварувачи во оваа дисциплина е во поединечен и/или екипен настап, во единствена конкуренција (нема вреднување на резултати посебно во машка и и посебно во женска конкуренција).
Екипите се составени од 3 натпреварувачи. Натпреварувачите кои во оваа дисциплина се пријавуваат за екипен настап задолжително покрај пријавата за екипен настап, должни се да достават и пријава за поединечен настап.

Главната награда на турнирот обезбедна од нашиот спонзор АРСЕНАЛ СТРУГА ќе биде доделена за првото место во дисциплината Снајперска ловна пушка на 200 метри а тоа ќе биде:
Оптика SIGHTMARK 3-12×56 HDR
Red Illumination(1.1mm RED DOT MOA)
во соработка со Sightmark EMEA
Тхенички податоци за оптиката:
AIRCRAFT Grade Aluminium
HARD ANODIZED FINISH
Capped Turrets
CRISP EDGE TO EDGE VISIBILITY
MULTICOATED OPTICS
SHOCKPROOF, FOGPROOF, WATERPROOF
Подржани сите калибри до .500NE

- Снајперска полуавтоматска тактичка пушка ……… 100 метри ………… 10 истрели.
Растојанието до метата е 100 метри. Метата е кружна со димензија ø 35 см. Ставот за гаѓање е лежечки. Се гаѓа од рамо и е дозволено потпирање на предниот дел од пушката на мека подлога како и користење на ногарки. Дозволена е употреба на пиштолски ракофат и преклопен кундак. Дозволена е употреба на сите видови на оптички нишан. Снајперската полуавтоматска тактичка пушка е со централно палење и со полуавтоматски систем за репетирање. Дозволенo e користење на компензатор (гасна кочница). Снајперската полуавтоматска тактичка пушка мора да има променлив магацин со капацитет поголем од 5 куршуми. Дозволена е употреба на сите калибри до .35 инчи (8,89 мм.).
Дозволено време за подготовка и проба е 5 минути при што не е ограничен бројот на пробните истрели. Времето за натпревар е 10 минути во кое за оценување се истрелуваат 10 истрели.
Примери на типови на полуавтоматски снајперски пушки кои можат да се користат во оваа дисциплина: Zastava М-76, Zastava М-91; Dragunov SWD, Hoeckler&Koch HK G3 SG 1; Hoeckler&Koch HK PSG 1, Hoeckler&Koch MR 223/308 и сл.
Вреднувањето на резултатите на натпреварувачите во оваа дисциплина е во поединечен и/или екипен настап, во единствена конкуренција (нема вреднување на резултати посебно во машка и и посебно во женска конкуренција).
Екипите се составени од 3 натпреварувачи. Натпреварувачите кои во оваа дисциплина се пријавуваат за екипен настап задолжително покрај пријавата за екипен настап, должни се да достават и пријава за поединечен настап.

- TARGET RIFLE ………………………. 100 метри ………………………… 20 истрели.
Пушката е ограничена на следните немодифицирани калибри: .223 Remington ( 5,56×45мм NATO); .308 Winchester ( 7,62×51 mm NATO), 8×57 IS (7,9 mm Mauser) и 7,62 x54 R.
Со пушката се гаѓа од двоногарки (бипод) кој се цврсто прикачени за оружјето и/или со ремник. Било кој бипод кој ја исполнува дефиницијата за бипод може да се користи и неговата тежина влегува во вкупната маса на пушката. Било кој безбеден рачен систем за чкрапање е дозволен. Дозволени се сите нишански системи, но нивната маса мора да бидат вклучена во вкупната маса на пушката.
Вкупната маса на пушката, вклучувајќи ги сите прицврстени додатоци како што се нишанот, ремникот и ногарките (биподот) не смее да ја надмине масата од 8,25 кг. Како додаток се подразбира било каков предмет освен натпреварувачот со облеката, кој делумно или целосно се придвижува заедно со оружјето или кој е прицврстен односно здружен со пушката на било каков начин и се придвижува при секој истрел дури и ако незначително оружјето се поместува од потпорниот наслон.
Гаѓањето е во лежечка положба од рамото на натпреварувачот. Двоногарката или ремникот се единствена дозволена предна поддршка на пушката. Пушката може да биде придржана со бипод и/или ремник и заден наслон кој не овозможува механички метод на враќање на иста нишанска точка, при што:
(1) Двоногарката и/или ремникот и задниот наслон не смеат да бидат поврзани едно со друго.
(2) Употребата на било каква маса е забрането. Под предниот/задниот наслон дозволени е да се постават одвоени рамни плочи чии димензии не ги поминуваат димензиите на индивидуалните наслони за повеќе од 5 cм. Во случај на користење на двоногарки, ширината на плочата кај ногарките не смее да надминува 5 см ниту повеќе од 30 см од напред до назад. На овие плочи не се дозволени испакнини и не е дозволена употреба на шрафови за нивелирање. Плочите мораат да бидат рамни од горната и долната страна.
(3) Двоногарка (бипод) е направа со не повеќе од две ногарки кои го допираат тлото. Taa мора да биде цврсто монтиранa на предниот дел од пушката. Двоногарката може да има ногарки кои се на прекршување или ногарки кои не се на прекршување и може да има можност за подесување со цел да се компензира нерамната подлога на положбата за гаѓање.
(4) Ниту еден дел од кундакот (задниот дел) или поткундакот не смеат да бидат директно допрени на тлото или на било која тврда површина. Како задни наслони можат да се користат „зајачки уши“, мали вреќички со песок или раката во ракавица. При користење на било кој тип на заден наслон, истиот не смее да биде прицврстен, закачен или придржан за пушката на било кој начин. Механички подесиви задни наслони не се дозволени.
(5) Било колку и било какви предмети може да се постават под двоногарките и под задниот наслон за да ги компензираат варијациите на положбата за гаѓање по висина или косина.
(6) Двоногарките и задниот наслон можат да бидат подесувани после секое истрелување за да се компензира движењето на подлогата односно нејзината девијација. Ремникот може да се користи со наслонот меѓутоа неговата маса мора да биде вклучена во вкупната маса на пушката.
Дозволен е заден мек наслон. Не е дозволена употреба на гасна кочница.
Важи правилото – „еден стрелец една пушка“ т.е. во оваа дисциплина со една иста пушка не смеат да се натпреваруваат два или повеќе стрелци. Растојанието до метата е 100 метри. Се пука во една мета која што содржи осум помали мети (со пречник 13 cм и центар од 9 мм.) од кои што првата мета е пробна, а другите 7 мети се за меч. Во секоја мета се пука по 3 истрели освен во последната мета во која се пука по два истрела. Вкупно 20 истрели.
Вреднувањето на резултатите на натпреварувачите во оваа дисциплина е во поединечен и/или екипен настап, а машките и женските натпреварувачи настапуваат во единствена конкуренција (нема вреднување на резултати посебно во машка и и посебно во женска конкуренција).
Екипите се составени од 3 или 4 натпреварувачи. Доколку екипата е составена од 4 натпреварувачи, за екипен настап се вреднуваат само највисоките резултатите на 3-те натпреварувачи од екупата. Натпреварувачите кои во оваа дисциплина се пријавуваат за екипен настап задолжително покрај пријавата за екипен настап, должни се да достават и пријава за поединечен настап.

- TARGET RIFLE ……………………………. 300 метри ………………………… 20 истрели.
Растојанието до метата е 300 метри. Метата е кружна со димензии ø 43,4 cm (кругот 10 е со ø 42 мм). Дозволено време за подготовка и проба е 10 минути во кое не е ограничен бројот на пробните истрели. Мечот се состои од 20 истрели за оценување за време од 20 минути. Се гаѓа во 2 мети (2х10 истрели).
Сите останати правила во оваа дисциплина се еднакви со правилата за дисциплината: Тarget Riflе …… 100 метри …..20 истрели.

VIII. СТРЕЛИШТЕ:

Интернационалниот отворен тирнир во стрелаштво Grand Prix SKOPJE 2020 ќе се одржи на 12 и 13 Септември 2020 година на Спортското Стрелиште КАМНИК во Скопје.
За сите подетални информации можете да се обратите до Македонската Спортска Стрелачка Федерација (МССФ), по Е-mail: mkdshooting@gmail.com или тел. 077/600-262 и 071/344-707

IX. СИГУРНОСТ

За сигурност на стрелците, службените лица и посетителите мора да се почитуваат наведените правила и да постои самодисциплина.

-       Должност на службените лица е да воведат дисциплина, а стрелците и посетителитe истата да ја почитуваат.

-       Во интерес на сигурностa службените лица можат и имаат право да го сопрат гаѓањето во секое време.

-       Обврска на стрелците е да ја пријават на службените лица секоја ситуација која може да биде опасна и која може да предизвика било каква штета.

-       Службените лица во секое време имаат право да го допираат оружјето-опремата без дозвола на стрелците но во нивно присуство, доколку сметаат дека постои потенцијална опасност од опасна ситуација или причинување на штета.

-       Во интерес на сигурноста со сите оружја мора да се ракува со максимална внимателност.

-       Оружјето не смее да се пренесува или изнесува надвор од линијата за стрелање без команда од линиски судија и без сигурносно знаменце кое е видливо дека излегува од двете страни на цевката од пушката или пиштолот со отворен затворач. За непочитување на ова правило ќе следува дисквалификација на натпреварувачот од страна на судијата без опоменување!

-       Оружјето кога нема да се наоѓа на линијата на гаѓање мора да биде во кутија, футрола, ранец или торба.

-       За време траење на натпреварот оружјето секогаш треба да биде насочено во сигурен правец.

-       Оружјето смее да се полни и репетира само на линијата за гаѓање и тоа исклучиво по команда на линиски судија.

-       Со оружјето може да се пука само на линијата на гаѓање само по команда на линиски судија.

-       Ако стрелецот испука метак пред издадена команда од линиски судија истиот ќе биде дисквалификуван.

-       Пред стрелецот да ја напушти линијата за гаѓање мора да се осигура дека оружјето е празно, затварачот е отворен и шаржерот изваден. Обврска на службените лица е истото да го проверат.

-       Пробни истрели и вежби за нишанење се дозволени само на линијата за гаѓање исклучиво со команда на линиски судија. Истото правило важи и доколку било кое службено лице се наоѓа на или пред линијата за гаѓање.

-       Се препорачува на сите стрелци и посетители да носат заштита за уши (антифони или чепови)

-       Се препорачува на сите стрелци и посетители да носат заштита за очи (стрелачки очила отпорни на распрскувачки објекти)

-       Македонската Спортска Стрелачка Федерација нема да сноси никакви одговорности за постапките на лицата кои нема да ги почитуваат погоре наведените правила за безбедно ракување со оружје. Доколку лицата не постапуваат по погоре наведените правила за безбедно ракување со оружје или предизвикаат штета по нивна вина последиците ќе ги сноси лицето кое ракува со оружјето.

Доколку не се почитуваат горенаведените правила за сигурност за време на 14-от Интернационален отворен турнир во стрелаштво Grand Prix SKOPJE 2020, службените лица имаат право да го дисквалификуваат натпреварувачот и истиот да биде отстранет од спортското стрелиште КАМНИК.

X. ЗАШТИТА НА ЗДРАВЈЕТО

14-от Интернационален отворен турнир во стрелаштво Grand Prix SKOPJE 2020 ќе се одржи под посебни безбедносни мерки за заштита на здравјето на сите учесници почитувајќи го Протоколот за одржување тренинг и натпревари во услови на КОВИД-19 за спортско стрелаштво одобрен од Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство на Р.С. Македонија која го усвои истиот и препорача Македонската Спортска Стрелачка Федерација да отпочне со тренинзи и натпревари со строго почитување на протоколот и препораките за спречување и ширење на КОВИД-19. Од таа причина бројот на публика ќе биде лимитиран за речиси 50 % во споредба со турнирите во минатото, а редарите нема да дозволат лицата без заштитна маска да учествуваат или да бидат дел од публиката.

Oд страна на организаторот за натпреварувачите ќе бидат обезбедени стартни пакети, медали, дипломи како и освежителни пијалоци.

Со Почит;

Македонска Спортска Стрелачка Федерација

 

Напишете коментар

*