Македонски спортски стрелци учествуваа на 53-то Светско првенство во Баку, Азербејџан

Во период од 17 август до 20 август 2023 година Македонските спортски стрелци учествуваа на 53-то Светско првенство во сите стрелачки олимписки дисциплини кое се одржа во Баку, Азербејџан. На светско првенство нашите спортски стрелци учествуваа во дисциплината со воздушна пушка. Во дисциплината воздушна пушка жени настапи Анастасија Мојсовска која испука стабилен резултат од 619,7 кругови со серии: 102.7 102.2 103.3 105.4 103.2 102.9 и се пласира на 102-то место од вкупно 140 учеснички од целиот свет. Кај мажите со воздушна пушка настапи Мартин Ангелески кој испука 606 кругови со серии: 99.8, 102.4, 102.1, 99.8, 100.6, 101.3, при што се пласира на 122-то место. Резултатот на Мартин е под очекуваниот резултат но со оглед на тоа што кај истиот се појавија болки во коленото и р’бетен столб од поранешни спортски повреди истиот ќе мора посериозно да пристапи за истите да ги отстрани пред идните настапи. Во текот на мечот истите координирано работеа со својот клубски тренер Јордан Тасевски и Селекторот Валентина Гоџоска. За влез во финале и дополнителна борба за медал кај мажите беа потребни 629,3 кругови додека кај жените 630,8 кругови. Во наредниот период ќе се продолжи со отстранување на можните технички и здравствени проблеми кои ги имаат стрелците и утврдување на потребните дополнителни кругови за влез во финале кои особено Анастасија ги пука без потешкотии на своите тренинзи, а се со цел поуспешно учество на претстојните меѓународни натпревари до крајот на натпреварувачката 2023-та година.

Покрај настапот на Македонските спортисти на ова 53-то Светско првенство за прв пат Јордан Тасевски како еден Претседател на Македонската Спортска Стрелачка Федерација на покана од Претседателот на ИССФ Лучиано Роси имаше чест да ги додели медалите во поединечна и екипна категорија во дисциплината воздушна пушка мажи 60 сениори.