Почитувани љубители на спортското стрелаштво,
На натпреварот во кој учествуваа најквалитетните натпреварувачи одбрани од целиот свет најмладиот помеѓу нив Борјан Бранковски заедно со својот клубски тренер Јордан Тасевски за прв пат на Олимписките игри во дисциплината воздушен пиштол 60 се бореше рамо до рамо рамноправно со најсилните земји во светот и го оствари за него највисокиот резултат 573 кругови (серии: 94 93 98 95 96 97) со пласман на високо 21-во место. Овој резултат воедно е личен и Државен рекорд остварен на најсилниот натпревар на земјината топка Олимписките игри каде што само 5 кругови повеќе го делеа и за влез во финале и борба за медал. Највисок пласман во текот на натпреварот му беше 17-то место но местата помеѓу најквалитетните стрелци се менуваа со секоја испукана дијабола и нијанси го одредуваа пласманот. Борјан со овој резултат како релативно млад спортист со 24 години докажа дека има потенцијал и квалитет за уште поуспешни понатамошни натпревари на кои се надеваме дека за кратко време ќе донесе и медал за Македонија. Овој пласман на 21-во место за еден спортски стрелец е највисок пласман за Македонија на Олимписки игри од нејзиното осамостојување.
Ова е голем успех за Борјан Бранковски и неговиот тренер Јордан Тасевски чиј матичен клуб е најдобриот Стрелачки клуб “Стрелец” – Скопје и веруваме дека допрва овој тандем ќе не израдува со многу високи спортски резултати на национално и меѓународно ниво.
По финалната борба во оваа дисциплина од дополнителни 24 дијаболи за осумте првопласирани златото на крајот му припадна на Иранецот Џавад Форуги, среброто на Србинот Дамир Микец, а бронзата на Кинезот Ваи Панг.
Голема благодарност за досегашната поддршка од Македонски Олимписки Комитет, Агенција за млади и спорт на Р. Северна Македонија и раководството на Македонската Спортска Стрелачка Федерација.
Овој успех е исто така заедничка круна и признание за успешното работење на новото раководство во Стрелачката Федерација кое продолжува да прави позитивни промени за развој на спортистите во спортското стрелштво.
Благодарност и до сите останати пријатели спонзори и поддржувачи кои го бодреа стрелачкиот тим во текот на припремите и за време на Олимписките игри!