Јордан Тасевски по втор пат избран за Претседател на МССФ

Почитувани,

Изминатиот викенд на ден 16.12.2023 година во Хотел Континентал – Скопје се одржа редовно годишно и изборно собрание на Македонската Спортска Стрелачка Федерација. На ова годишно собрание пред делегатите се даде оттчет за финансиското работење на МССФ во текот на 2021 и 2022 година, извештај од надзорниот одбор на МССФ како и Извештај од Претседателот на МССФ Јордан Тасевски. Во текот на собранието беше приложена и програмата на МССФ за плановите во натпреварувачката 2024 година, а под точката избор на Претседател бидејќи немаше пријавено друг кандидат по повикот на МССФ кој траеше од 01-20.09.2023 година од страна на делегатите на собранието повторно за втор мандат едногласно му беше доделена довербата на актуелниот Претседател Јордан Тасевски.

Од страна на Претседателот и новоизбраните членови на управниот одбор на МССФ беше изразена благодарност до сите присутни делегати за довербата која ја даваат истиот МССФ да ја предводи и во наредните 4 (четири) години. Од страна на Претседателот Јордан Тасевски беше истакнато дека како во изминатите 4 (четири) години од 2019 -2023 така и во наредните од 2024-2027 ќе се залага МССФ, клубовите и спортистите да ги добијат сите потребни услови за развој на спортското стрелаштво и ќе се продолжи со набавка на нова опрема, учество на натпревари, подготовки и семинари со цел остварување на уште повисоки резултати на домашните и меѓународните натпревари. Ќе се продолжат интензивните преговори и ќе се вложат сите напори за стекнување на спортска сала посветена за национално стрелиште и интензивно ќе се подготвуваме за претставување на стрелаштвото како добар домаќин на Европските младински олимписки игри кои не очекуваат во јули 2025 година.

Исто така се истакна дека МССФ како и досега многу добро соработува со Светската Стрелачка Федерација и Европската Стрелачка Федерација од кои се очекува и во иднина да го поддржуваат Македонското спортско стрелаштво. Извонредната соработка ќе продолжи и со нашите најголеми поддржувачи: Агенција за млади и спорт, Олимпискиот комитет, Министерството за внатрешни работи и Армијата на Р. Македонија која е на високо ниво како и меѓусебната поддршка од страна на нашите спонзори и поддржувачи кои се во се поголем број поради довербата кон ова раководството на МССФ.

На крајот од годишното и изборно собрание Претседателот на МССФ додели златни плакети по повод 75 години од формирање и постоење на Македонската Спортска Стрелачка Федерација на членови од Управниот одбор, тренери, селектори и заслужни спортисти на кои им се заблагодари за поддршката и придонесот за популаризација и развој на Македонското спортско стрелаштво.