Имаме таленти, но „утнуваме“ со законите и спортските политики – Јордан Тасевски, правник, државен првак и репрезентативец во стрелаштво

Развојот на актуелното македонско стрелаштво како спортска дисциплина неминовно е поврзано со името на Јордан Тасевски, правник, неколкукратен државен првак во стрелаштво и државен репрезентативец. Како спортски професионалец, но и како правник кој темелно ги проучил прописите и институционалните активности на спортски план, посочува дека на македонското спортско законодавство и политики му се потребни измени затоа што, како што вели, го загрижува тоа што не се гледа со внимание кон нивната цел во градењето на професионални долгогодишни стрелци со светски резултати.  Тасевски аргументира дека за разлика од Македонија, неговите долгогодишни колеги од соседните држави се членови во клубови кои се под капата на тамошните Министерства за внатрешни работи или Одбрана и истите ги финансираат и имаат придобивки како за своите државни институции така и кога ја претставуваат својата држава како репрезентативци.

Откривање на талентот

„Мојата кариера со спортското стрелаштво започнува уште во 1995 година кога на моја 10-годишна возраст мојот татко ме зачлени во стрелачки клуб. Пред тоа имав мало искуство со воздушна пушка, но оттогаш почнав професионално да тренирам и прв пат се сретнав со професионално воздушно оружје пушка и пиштол. Секој почетник стрелец започнува за прв пат да пука со воздушна пушка на која се запознава со основните делови на оружјето како и основните правила за ставот, држењето на пушката, дишењето, нишанење во метата и пукањето, а потоа се определува според проценка од тренерот со кое оружје ќе продолжи професионално да настапува на натпреварите“, раскажува Тасевски за своите почетоци.

Како и неговиот  тренер така и тој самиот сакал и се одлучил за воздушен пиштол и за кратко време неговите тренери откриле голем талент и напредок во него, па почнал да настапува во лигата на натпревари во Македонија организирани од Македонската Спортска Стрелачка Федерација – МССФ, (тогашен Стрелачки Сојуз на Р.Македонија), по што се здобива со повеќе признанија како млад талентиран спортист, а првиот медал беше бронзен, трето место на Државно првенство во 1999 година.

Спортски успеси: Тринаесет кратен државен првак, повеќе пати рекордер, високи резулати на меѓународни настапи

„Од 2000-та година постигнувам големи успеси кога влегувам во Македонската стрелачка репрезентација а сè уште активен сум и денес, каде 5 години по ред бев Државен првак на Р.Македонија по што наследи и бронзен медал на балканското првенство во Турција во 2002 година каде станав и јуниорски рекордер. Во мојата 20 годишна кариера вкупно сум бил 13 пати државен првак, повеќе пати рекордер и повеќе меѓународни настапи на кои имам остварено високи резултати. Покрај тоа што активно професионално настапувам за клубот и како државен репрезентатитвец за Р.Македонија од 2012 година бев избран за Претседател на Стрелачкиот клуб „Стрелец“ од Скопје а воедно сум и официјален тренер во клубот за спортско стрелаштво со меѓународна тренерска лиценца добиена од меѓународна академија организирана од (ИССФ) Интернационалната Спортска Стрелачка Федерација. Исто така сум и судија со А и Б лиценца“, вели Тасевски.

Тој како професионалец своето искуство и знаење го пренесува и на помладите генерации, за кои вели дека имаат огромен потенцијал и дека стрелаштвото како спорт може многу да придонесе во афирмацијата на државата и спортот на меѓународен план.

Работа со млади таленти и ентузијасти во стрелаштвото

„Стрелачкиот клуб “Стрелец” од Скопје постои од 1985 година под името на тогашниот генерален спонзор Алкалоид, но подоцна во 2002 година е преименуван во сегашното име на клубот и активно функционира до ден-денес. Клубот „Стрелец“ во последните 10 години е најтрофејниот клуб во спортско стрелаштво и го зазема првото место од вкупно 30-тината клубови на територијата на Р.Македонија и моментално седум години по ред сме прогласувани за најуспешен клуб во Р. Македонија а истиот брои повеќе од 50 активни членови. Дел од членовите во клубот се повеќекратни државни прваци, рекордери, стипендисти на Агенција за млади и спорт на Р.М, како и повеќегодишни членови во државната репрезентација на Р.Македонија. Моментално тренинзите се вршат во стрелиштето на клубот кое се наоѓа во Гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ позади Олимписки базен во центарот на градот. Стреланата е со шест стрелни места и е наменета за користење на воздушно оружје со cal 4,5 mm на оддалеченост од 10 m, а за тренинзи со оружје од поголем калибар го користиме стрелиштето „Камник“, вели тој, додавајќи дека  клубот настапува како на национални така и на меѓународни натпревари во дисциплините: Воздушен пиштол и пушка – 10 метри; Малокалибарски пиштол и пушка – 50 метри; Пиштол 9 мм – 10м 15м и 25метри; Полуавтоматска пушка 7,62 мм (ПАП) 100 метри; Војничка пушка 7,9 мм 100 метри.

Не е можен успех без поддршка од државата, легислативни акции и спортско – афирмативни мерки

Државниот првак во стрелаштво смета дека се потребни засилени афримативни мерки за развој на овој спорт и не ја гледа оправданоста што спортот се фрла на маргините, без да има особена поддршка на институцинално ниво. Вели дека интересот за спортот постои и открива дека голем број на македонски компании се вклучени во Бизнис лигата, но исто така открива и дека буквално, како што вели, едвај се врзува крај со крај.

„Сведено е на нашиот ентузијазам и љубов. И тие иницијативи кои ги имаме се од ентузијастички карактер, но и од потреба за егзистенција. Како професионален спортист и како правник би истакнал дека измени во законодавството за Олимписките спортови во кои спаѓа и спортското стрелаштво каде се претставува Р.Македонија во најдобро светло се неминовни. Како Претседател на клубот сметам дека носам голема одговорност за функционирањето на клубот како за неговиот развој и активност така и за финансиската состојба, бидејќи моментално е многу тешко да се најдат спонзори. Благодарение на Агенцијата за млади и спорт која ни доделува финансиски средства за јуниорите како прв клуб во лигата се подобруваат условите за обновување на дел од опремата, а полесно ги покриваме и основните средства како што се дијаболи, мети и патувања на стрелците на натпревари во Р.Македонија како и меѓународни настапи на кои претходно секогаш повеќето стрелци самостојно се финансирале“, посочува Тасевски.

Тој го истакнува и проблемот дека во град како што е Скопје во кој речиси живее пола од населението во Македонија покрај нивното моментално воздушно стрелиште од 6 стрелни места кое го оспособиле и финансирале сами од клубот нема друго стрелиште, ниту пак надлежните од областа на спортот биле заинтересирани да се изнајде барем простор кој ке биде прилагоден за овој олимписки спорт да се развива и напредува.

Во соседството најголемите таленти и клубови се „под капа“ на државата

„За тоа морам да изразам голема благодарност до гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ од Скопје во која се наоѓа стрелиштето на клубот за тоа што несебично отстапува простор за стреланата во која редовно се спроведува тренажниот процес на стрелците, кои на секој натпревар даваат сè од себе за подобар личен и клубски пласман, со што успеваме да сме најтрофеен и најуспешен стрелачки клуб во Р.Македонија. Ме загрижува тоа што не ја гледам нашата цел во тоа што градиме професионални долгогодишни стрелци со светски резултати и голем потенцијал за успех на меѓународните натпревари на кои што сме се докажале и повеќе пати дека можеме да изградиме стрелци кои нè носат на Олимпијада, а немаме доволна финансиска подршка од спортските институции во државата за да настапиме на таквите меѓународни натпревари“, нагласува тој,  потенцирајќи и на опасноста од губењето на заинтересираноста за спортот во такви услови.

„Се плашам дека многу од поединечните спортови полека ќе ја изгубат професионалноста“

„Се плашам дека многу од поединечните спортови кои имаат далеку поголем успех од екипните на меѓународната сцена дека полека ќе ја изгубат професионалноста и заинтересираноста на младите и ќе станат рекреативни спортови за ентузијасти. За разлика од кај нас моите долгогодишни колеги од некои соседните држави се членови во клубови кои се под капата на тамошните Министерства за внатрешни работи или Одбрана каде и што се вработени а истите ги финансираат и имаат придобивки како за своите државни институции така и кога ја претставуваат својата држава како репрезентативци“, истакнува Тасевски.

Државниот репрезентативец раскажува дека стрелаштвото како спорт бара особена концентрација и насочено внимание, што од психолошки аспект е многу важно и за градењето на личноста преку созадавање на манири, кои, како што вели, филозофски погледнато значат и правничка доблест, посебно во поглед на егзактноста и прецизноста.

Стрелаштвото помога во изградување на свој став, самодоверба, дисциплина и упорност

„Кај нас професионалците, на натпреварувањата притисоците се огромни, но се обидуваме исто така со вежби да нема место за трема. За некоја работа да се направи врвно треба да се влезе во составот на телото. Најважна е желбата и мотивот за победа, а победата овозможува најголемо задоволство. Стрелаштвото е спорт без граници, универзален спорт со кој рамноправно се занимаваат двата пола, мажи и жени, деца и возрасни, лица со хендикеп, при тоа развивајќи сигурност и доверба, ментален и физички баланс, почитување. Па, оттаму самото ова ги кажува и се гледаат многу придобивки за човечкиот ум и во неговата професија. Во професионална и рекреативна смисла има значење во подигање на психофизичките способности на повисоко ниво. Сигурен сум дека стрелаштвото доста ми помогнало во изградување на свој став, самодоверба, дисциплина, упорност и одлучност. Стрелците остануваат во овој спорт и по 30 години од нивната кариера, а кога ќе одлучат повеќе активно да не пукаат, влегуваат во тренерски води“, вели Тасевски, кој во таа насока додава дека „полн погодок“ за него како правник е деловното право, но и казненото право кое му е, исто така, непомирлив предизвик.

Идни амбиции: Апел за поддршка за учество на Олимпијада

Во таа насока, Тасевски открива дека неговите идни амбиции и очекувања на спортски план покрај, како што вели, пренатрупаноста од секојдневните работните обврски како правник, така и од обврските од предводењето и тренирањето на клубот, се големи и се надева дека ќе успее во тоа.

„Уверен дека со добар тренажен процес и финансиска поддршка од спортските институции ќе можам во наредните години на меѓународните натпревари да постигнам Олимписка норма која ќе ме однесе на Олимпијада и ќе ја претставам Македонија во најдобро светло“, истакнува државниот репрезентативец, чија желба во иднина е да има и своја адвокатска канцеларија.

„Желба ми е еден ден да отворам своја адвокатска канцеларија“

“Во мојот десет годишен работен стаж како правник со положен правосуден испит, во реномирана финансиска компанија каде што моментално работам благодарение на тоа што се стремат од нивна страна несебично да градат искусен и професионален кадар, се здобив со доста големо работно искуство решавајќи ги работните обврски доста одговорно и професионално во повеќе области од правото. Се надевам дека во иднина кога ќе се остварат моите приватни планови ќе отворам адвокатска канецеларија“, вели државниот правак и најдобар стрелец во Македонија, Јордан Тасевски.

Интервју со Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk

Објавено во www.akademik.mk на 23.07.2014 година.

Напишете коментар

*