Од 05 до 13 Март 2023 година во Талин, Естонија се одржа Европското првенство во спортско стрелаштво со воздушно оружје во дисциплините на 10 метри.
На ова првенство имаше вкупно 517 учесници од 40 европски земји. Според статистиките од 40 земји дури 24 успеале да освојат барем еден медал. Тоа е одлична бројка, а тоа значи дека стрелачкиот спорт на високо ниво во голема мера се развива во многу земји. Исто така, кога се гледаат земјите кои освоиле злато, интересно е што имало различни земји во јуниори кои во натпревари за жени/мажи: Италија, Шведска, Хрватска и Данска беа земјите кои освоија златни медали во јуниори, а Србија, Норвешка и Германија во сениорски (мажи/жени) дисциплини.
Македонските натпреварувачи предводени од националниот селектор Валентина Гоџоска се прикажаа во добро светло на Европското првенство во Талин 2023 и имаа солидни резултати.
Така во дисциплината воздушна пушка жени во извонредно силна конкуренција, спортистот Анастасија Мојсовска оствари резултат од 618.1 кругови што и овозможија пласман на 70 место. Својата одлична форма оваа година, Анастасија Мојсовска претходно ја потврди и на “Гранд Прих Софија 2023” каде оствари резултат од 621,8 кругови и го освои второто место по дополнителното финале. Во оваа дисциплина беа потребни 629,4 кругови за влез во најдобрите 8 стрелци додека Анастасија Мојсовска во истата дисциплина е и државен првак на Македонија за 2023 година.
Вториот македонски спортист Мартин Ангелески во дисциплината воздушна пушка мажи оствари резултат од 614,7 кругови и пласман на 67 место, што е под неговите оптимални можности, бидејќи пред ова првенство, на претходните меѓународни натпревари како “Гранд Прих Софија 2023” и др. оствари резултат од 617.1 и 619,9 кругови каде го освои првото место. Во оваа дисциплина беа потребни 629,1 кругови за влез во најдобрите 8 стрелци додека Мартин Ангелески во оваа дисциплина е исто така државен првак на Македонија за 2023 година.
Третиот македонски спортист Борјан Бранковски во дисциплината воздушен пиштол мажи оствари резултат од 563 кругови и пласман на 56 место, што е исто резултат под неговите оптимални можности. Во оваа дисциплина беа потребни 580 кругови за влез во најдобрите 8 стрелци и дополнителна финална борба која ќе го одлучи медалистот.
Уверени сме дека во наредниот период со континуиран тренажен процес на претстојните ИССФ меѓународни натпревари кои не очекуваат дека нашите спортисти ќе остварат резултат кој ќе им овозможи влез во финале за дополнителна борба за медал бидејќи на регионалните меѓународни натпреварии тоа е се почеста слика .