Од 24 до 30 мај 2019 година во Германија се одржа Светскиот куп во спортско стрелаштво Минхен 2019 во дисциплините 10 метри со воздушно оружје.
Главна карактеристика за овој ISSF Светски куп во Минхен е тоа што се постигнуваат високи резултати и учествуваат речиси сите земји од светот.
Македонските натпреварувачи се прикажаа достоинствено на Светскиот Куп во Минхен 2019 и имаа добри пласмани.
На Светскиот куп во Минхен за влез во финалето во дисциплината воздушна пушка жени 60 беа потребни 630 кругови, а златниот медал по финалната борба на 8-те најдобро пласирани и дополнителни 24 истрели го освои CHANDELA Apurvi – IND со резултат од 251 кругови. Сребрениот медал и припадна на WANG Luyao – CHN со резултат од 250,8 кругови, додека бронзата и припадна на сонародничката XU Hong – CHN со резултат од 229,4 кругови.
Во дисциплината воздушен пиштол мажи исто така во извонредно силна конкуренција за влез во финалето беа потребни високи 582 кругови. Во оваа дисциплина настапија двајца македонски репрезентативци кои доаѓаат од клубот “Стрелец” и тоа Борјан Бранковски кој оствари резултат од 562 кругови, резултат кој е под неговите оптимални можности и Томе Несторовски кој со оглед на неговиот прв настап на официјален ИССФ натпревар оствари просечен резултат од 560 кругови. Капацитетот на овие двајца репрезенатативци е далеку поголем со оглед на резултатите кои ги имаат постигнато на претходните регионални меѓународни натпревари па од таму на идните натпревари се очекува да постигнат далеку повисоки резултати.