На ден 07.12.2013 година на стрелиштето Корчагин во Скопје, се одржа VI-от и последен Куп во 2013-та година од лигата на Македонија со воздушен пиштол и воздушна пушка, во машка и женска конкуренција – меѓународна програма.
На натпреварот настапија 34 стрелци од неколку клубови кои постигнаа солидни резултати. Имено со воздушен пиштол имаме целосна доминација на Стрелците од СК “Стрелец” кои ги запоседнаа првите четири места во оваа категорија што не е случај и со воздушна пушка. Со испукани високи 568 круга на првото место беше Тасевски Јордан, додека на второто место со испукани 562 круга Бранковски Борјан оствари нов личен и државен јуниорски рекорд со воздушен пиштол, на третото место со добар резултат од 547 круга се искачи Гелевски Мартин, како и Радосављевиќ Александар кој со 517 круга се пласира на четвртата позиција. Тука мора да се истакне дека со редовни тренинзи во следниот период и подобрување на формата од младите стрелци Мартин и Борјан се очекуваат доста повисоки резултати и нови рекорди како на домашните натпревари така и на претстојните меѓународни натпревари. Во дисциплината воздушен пиштол – жени Велковска Вероника се пласира на третата позиција со резултат од 333 кругови, додека Тулева Билјана на четвртата позиција со 317 кругови.
Во дисциплината воздушна пушка – мажи Петковски Ѓорѓија заврши како второпласиран, односно првопласиран во јуниорска конкуренција со резултат од 580,3 кругови, Томислав Гончев на четвртата позиција со 574,7 круга и Кудрановиќ Драгослав на петтата позиција со 573,4 круга. Во оваа категорија пукаше и младиот и надежен стрелец Николовски Кирил кој заврши на 13-та позиција со 496,6 круга.
Кај девојките во дисциплина воздушна пушка со мало потфрлување на петото место беше Трпковска Светлана со 390,7 кругови, додека на осмата позиција беше Зец Биљана со резултат од 365,7 кругови.
Со завршување на VI -от КУП завршува и лигата за 2013-та година каде мора да се истакне дека Стрелачки клуб “Стрелец” од Скопје со својата континуирана и макотрпна работа и благодарение на стрелците кои на секој натпревар даваа се од себе за подобар пласман, заслужено и оваа година трет пат по ред сме на првото место и сме најуспешен Стрелачки клуб во Р.Македонија.