Македонската натпреварувачка во спортско стрелаштво, Анастасија Мојсовска која настапи на 28.07.2024 година имаше повеќе од солиден настап на Летните олимписки игри во Париз 2024, откако заврши на 31-то место од вкупно 43 учеснички во квалификациите во дисциплината воздушна пушка жени 10 метри. Таа испука 625,3 круга што значи дека имаше просек од 10,4 круга од вкупно 60 погодоци во метата. Мојсовска само трипати немаше најмалку „десетка“ и тоа во секоја од овие „деветки“ погодуваше со прецизност 9,9.
Тренерот Јордан Тасевски кој ја предводеше Анастасија Мојсовска на овие Олимписки игри во Париз истакна дека во текот на натпреварот таа се носеше рамо до рамо со сите 42 натпреварувачки и одлична беше меѓусебната координиција со тоа што сите серии беа над 104 кругови освен една 103.7 со што оствари и највисок резултат и пласман воопшто испукан за Македонија на едни олимписки игри во дисциплината воздушна пушка жени.
На ова прво учество на Олимписки игри за неа постигна втор нејзин највисок резултат од 625.3 кругови со серии: 104.5 103.7 104.3 104.4 104.0 104.4. Во оваа дисциплина позади Анастасија остана многу олимписки, светски и европски медалисти од земји како што се: Америка, Франција, Чешка, Египет, Велика Британија, Бразил и други кои на овие олимписки игри се пласираа со А норма. Сепак факт е дека во стрелаштвото секој еден зголемен пулс од срцебиење или адреналин делува на квалитетот на центрите што и одлучува кој на крај ќе биде најдобар. За влез во финална борба или пласман во први осум во воздушна пушка жени потребни и беа 631.3 круг односно и фалеа 6 кругови. Исто така факт е дека овие олимписки игри се покажаа доста посилни во однос на резултатот споредбено со минатите Олимписки игри во Токио каде што за влез во финале потребни беа 628,3 кругови, резултат над кој што Анастасија испука на Светскиот куп во Минхен 2024 односно испука 628,8 кругови висок светски резултат и воедно нов Државен рекорд во апсолутна категорија жени и мажи воздушна пушка за Македонија.
На крај може да се истакне уште еден битен факт, а тоа е дека Македонија со нецели 2 милиони жители победи земји кои се со милионски жители и кои во изминатиот четиригодишен олимписки циклус неспоредливо многу повеќе вложиле во спортот и во спортското стрелаштвото. Се надевам дека во наредниот олимписки циклус ќе се обрне поголемо внимание за олимпиското стрелаштво кое е во подем и котира на високо ниво во рамките на меѓународните натпревари со остварени високи резултати и освоени медали.
Македонската Спортска Стрелачка Федерација упатува огромна благодарност до целиот управен одбор на МССФ, сите клубови, тренери и стрелци кои обединето работеа во изминатиот период за развој на младите категории и спортското стрелаштво, а посебно до сите наши поддржувачи и партнери и општествено одговорни компании кои несебично помагаа и излегоа во пресрет кога најмногу беше потребно во изминатиот олимписки циклус и финансиски и мотивирачки придонесоа во мозаикот да се учествува на овие Олимписки игри во Париз 2024 и да се оствари висок резултат.