Почитувани стрелци и љубители на спортското стрелаштво,
на ден 20.03.2021 година на воздушното стрелиште во Битола, се одржа Државното првенство за 2021 година со воздушен пиштол и воздушна пушка, во машка и женска конкуренција – Меѓународна програма. На натпреварот настапија 70-тина стрелци од повеќе клубови кои постигнаа добри резултати со оглед на намалениот тренажен процес поради настанатата ситуација со пандемијата од вирусот Ковид-19.
Ова Државно првенство се одржа под посебни безбедносни мерки за заштита на здравјето на сите учесници почитувајќи го Протоколот за одржување тренинг и натпревари во услови на КОВИД-19 за спортско стрелаштво одобрен од Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство на Р.С. Македонија која го усвои истиот и препорача Македонската Спортска Стрелачка Федерација да отпочне со тренинзи и натпревари со строго почитување на протоколот и препораките за спречување и ширење на КОВИД-19. Покрај сите строги мерки и во ситуација на секојдневно ново заразени лица, стрелците и сите учесници покажаа голема дисциплина во спроведувањето на протоколот за спречување и ширење на КОВИД-19, а во сето тоа голем придонес во обезбедување и спроведување на мерките имаше и Црвениот крст на Општинска организација Битола кои учествуваа со тим за прва помош и со дезинфекција на просториите после секоја завршена партија согласно препораките од Министерството за здравство.
Во продолжение Ви ги прикажуваме постигнатите резултати на Државното првенство:
Во категорија воздушен пиштол мажи - сениори златниот медал со резултат од 552 кругови го освои Јордан Тасевски од С.К “Стрелец” Скопје потоа Томе Несторовски исто така од С.К “Стрелец” Скопје со 546 кругови се пласира на второто место и на трето место беше Горан Секулоски од С.К “РЕК” Битола со 527 кругови.
Во категорија воздушен пиштол мажи - јуниори од С.К “Стрелец” Скопје на првата позиција беше Александар Мијовски со 509 кругови на второто место беше Лазар Михајлов од С.К Кавадарци додека на третата позиција Лазар Лазарески од С.К Стрелец-09.
Во категорија воздушен пиштол жени – сениорки на првата позиција со златен медал се закити Оливера Наковска Бикова од С.К “Работнички” Скопје со резултат од 565 кругови, на втората позиција Маја Чешелкоска од С.К “Херој Прилеп” со резултат од 543 кругови додека на третото место овој пат беше Вероника Велковска од С.К “Стрелец”со 528 кругови.
Во категорија воздушен пиштол жени - јуниорки на првата позиција од С.К “Велес” се искачи Мартина Стаменкова со 374 кругови.
Во категорија воздушна пушка мажи – сениори на првата позиција со резултат од 599,2 кругови се искачи Драгослав Кудрановиќ” од С.К “Стрелец” Скопје на втората позиција се пласира Никола Илиев од С.К “Кавадарци” со 596,8 кругови и на трето место Борче Талески од С.К “Херој Прилеп” со 564,5 кругови.
Во категорија воздушна пушка мажи – јуниори на првата позиција од С.К “Стрелец” со златен медал и резултат од 596,5 кругови се закити Бојан Симичиев, до него на втората позиција со резултат 594,2 кругови беше Бојан Спасеноски од Ж.С.К “Лихнидос” и на третата позиција Ненад Антиќ од С.К “Велес” со 587,4 кругови.
Во категоријата воздушна пушка жени – сениорки првото место го освои Андријана Колева од С.К “Кавадарци” со резултат од 587,9 кругови, додека на втората позиција со резултат од 587,4 кругови се пласира Мартина Петровска од С.К “Охрид” и на трето место исто така од С.К “Охрид” се пласира Јана Маркоска со резултат 583,7 кругови.
Кај девојките во категорија воздушна пушка жени – јуниорки Јована Милевска од С.К “Охрид” го освои златниот медал со резултат од 608,4 кругови. Анастасија Мојсовска од С.К “Стрелец” Скопје се пласира на втората позиција со резултат од 605,5 кругови додека на третото место исто така од С.К “Стрелец” Скопје се пласира Божица Велковска со 603,7 кругови.
По успешниот настап на стрелците од клубовите на Државното првенство 2021 со воздушно оружје од меѓународна програма Македонската Спортска Стрелачка Федерација изразува голема благодарност до сите клубови и стрелци кои учествуваа на ова Државно првенство и порачува во понатамошниот период строго да се почитува протоколот за тренинг и натпревари во спроведувањето на тренажниот процес со стрелците додека трае пандемијата со вирусот КОВИД-19.
Канцеларија на МССФ