Од 16 до 26 Февруари 2018 година во Унгарија се одржа Европското првенство во спортско стрелаштво GYOR 2018 во дисциплините 10 метри со воздушно оружје.
Главна карактеристика за ова Европско првенство е што тоа беше прв натпревар од календарот на натпревари на ISSF, на кои женските натпреварувачи во воздушна пушка и воздушен пиштол се натпреваруваа по новите правила на ИССФ за жени, односно за нив натпреварите се состоеа од 60 истрели наместо претходно 40 истрели, што претставува зголемување за цели 50%, за што е потребно да се изградат дополнителни капацитети на спортистот во неговата психо-физичка и кондициона подготвеност како би можел успешно да се натпреварува по новите правила. Во такви услови не само македонските спортистки, туку и сите европски спортистки беа дополнително оптоварени на ова Европско првенство од неизвесноста каков ќе биде нивниот успех на овој прв ваков натпревар и дали истите се доволно тактички, технички, психолошки и кондиционо подготвени за натпревар со 50% поголем број истрели.
Македонските натпреварувачи предводени од националниот селектор Јордан Тасевски се прикажаа во одлично светло на Европското првенство во Гјор 2018 и имаа солидни пласмани, при што остварија неколку национални и лични рекорди:
Така во дисциплината воздушна пушка жени во извонредно силна конкуренција, спортистот Ана Ивановска оствари одличен резултат од 618.4 кругови, што претставува нов национален рекорд на Република Македонија во оваа дисциплина и нов нејзин личен рекорд. Ана на овој натпревар имаше одлични шест серии на истрели (102.3/104.1/103.8/103.6/102.4/102.2) што и овозможија пласман на 57 место. Својата одлична форма оваа година, Ана претходно ја потврди и на “Војводина Куп 2018” каде оствари резултат од 616,8 кругови. Ана Ивановска во истата дисциплина е и државен првак на Република Македонија за 2017 година.
Втората македонска спортистка Нина Балабан во истата дисциплина оствари резултат од 613,3 кругови (99,7/104.1/104.2/100.9/101.9/102.5) и пласман на 77 место, што е под нејзините оптимални можности, бидејќи само десетина дена пред ова првенство, на друг меѓународен натпревар – “Војводина Куп 2018”, Нина оствари резултат од 617.1 кругови. Во истата дисциплина одличен резултат од 600,0 кругови (97.9/102.2/99.4/98.3/101/101.2) и пласман од 81 место постигна и третата македонска спортистка Антонија Андонова Тасевска која исто така во последните месеци ја подигна својата спортска форма над „магичните 600 круга“ и на “Војводина Куп 2018” постигна резултат од 606,7 кругови, што покажува голем подем на нејзината спортска форма за само неколку месеци, како резултат на континуиран и интензивен тренинг.
На Европското првенство за влез во финалето во наведената дисциплина беа потребни 625 кругови, а златниот медал по финалната борба на 8-те најдобро пласирани го освои NIELSEN Stine – DEN со резултат од 249.1 кругови и 627,6 кругови како 2 ра во квалификацискиот натпревар. Сребрениот медал и припадна на Kataryna KOMOROWSKA – POL со резултат од 248,7 кругови и 626.5 кругови како 3 та во квалификацискиот натпревар, додека бронзата и припадна на SMEETS Manon – NED a со резултат од 625 кругови како 8 мо пласирана и во квалификацискиот натпревар.
Интересно е што во квалификацискиот натпревар на првото место со резултат од 628,4 кругови се искачи ARSOVIC Adrea – SRB која воеднo постави нов Светски и Европски рекорд но истата во финале заврши само на 7-то место.
Уверени сме дека оваа сезона и нашите спортистки Ана, Нина и Антонија ќе остварат резултат кој ќе им овозможи влез во финалето кое овозможува борба за медали.
Брилијантно дебитирање на Европското првенство имаше и младинецот Јане Џингов кој во соодветната дисциплината воздушна пушка 10 метри мажи со резултат од 602,6 кругови оствари одличен пласман на 31 место на Европското првенство GYOR 2018 и постигна нов национален рекорд во дисциплината воздушна пушка мажи 10 метри, кој е воедно и негов личен рекорд. Спорстката форма на Јане континуирано расте во изминатиот период и претходно на Војводина Купот 2018, Jане оствaри исто така одличен резултат од 600.4 кругови. Младиот Јане Џингов кој со само 16 години минатата година оствари и MQS – резултат кој му овозможува учество на Младински Олимпсики Игри во Буенос Аирес 2018 години е пример за сите млади спортисти како за само една година со систематски и макотрпен тренинг, осмислена програма и пред се целосна посветенот може да се остварат имресивни резултати во спортот и од него со право сите очекуваме во најскоре време постигнување резултат што ќе му овозможи влез во финалето и борба за медал на Европско, Светско првенство или на Младински Олимписки Игри.
На ова Европско првенство во стрелаштво GYOR 2018 во дисциплината воздушна пушка мажи настапи и спортистот Леон Јаневски кој оствари резултат далеку под своите оптимални можности од 578.1 кругови и се пласира на 68 место.
Текстот е превземен од Македонската Спортска Стрелачка Федерација