Ангелески и Мојсовска повторно со нови Државни рекорди!

Почитувани љубители на спортското стрелаштво

На ден 07.11.2021 година во воздушното стрелиште Бејбунар во Охрид, продолжи натпреварувачката сезона со одржување на II-от КУП од натпреварите во 2021 година, со воздушен пиштол и воздушна пушка, во машка и женска конкуренција – меѓународна програма.

На натпреварот имаше голем број на спортисти од клубовите и тоа мнозинство од младите категории што е за пофалба бидејќи настапија околу 60-тина стрелци од повеќе клубови кои постигнаа солидни резултати, а сето тоа под строги мерки за заштита од КОВИД-19 согласно Протоколот за спортско стрелаштво одобрен од Комисијата за заразни болести.

Ви ги претставуваме најдобро пласираните стрелци во секоја категорија:

Кај девојките овој пат во категорија воздушна пушка – жени на првото место убедливо со постигнување на нов Државен јуниорски рекорд се искачи Анастасија Мојсовска од С.К “Стрелец” со 619,4 кругови, до неа на втората позиција беше Јована Милевска од С.К “Охрид” со погодени 609,4 кругови додека на трето место беше Магдалена Ристеска од С.К. “Херој Прилеп” со 605,4 кругови. Исто така од С.К “Херој Прилеп” во оваа категорија Ирина Јованоска се пласира на четвртата позиција со 598,4 кругови. На петто место се пласира Мартина Петровска од С.К “Охрид” која погоди 588,3 кругови, а за пофалба беа и младите надежи Теа Димовска од С.К. “Велес” со резултат од 586,9 кругови, Марија Црвенковска од С.К. “РЕК Битола” со резултат од 580,9 кругови и Теодора Христова исто така од С.К. “РЕК Битола” со резултат од 578,9 кругови.

Во категорија воздушна пушка – мажи на првата позиција заслужено се искачи Мартин Ангелески со резултат 620 кругови од С.К “Херој Прилеп” кој воедно постигна нов Државен јуниорски а исто така и сениорски рекорд. На втората позиција се пласира Бојан Спасеновски од Ж.С.К “Лихнидос” со погодени 598,5 кругови, а до него на третата позиција со резултат 597 беше Ненад Антиќ од С.К “Велес”. Добар резултат од 593,1 кругови постигна и младиот Никола Блажевски од С.К “Стрелец” кој се пласира на четвртата позиција.

Во категорија воздушен пиштол – мажи Борјан Бранковски од С.К “Стрелец” убедливо го освои првото место со испукани 564 кругови пред Томе Несторовски исто така од С.К “Стрелец” со резултат од 545 кругови додека на третото место беше Велибор Балоски од Ж.С.К “Лихнидос” со испукани 520 кругови.

Во категорија воздушен пиштол – жени првото место го освои Дијана Георгиевска од С.К “Стрелец” со 559 кругови пред Вероника Велковска исто така од С.К “Стрелец” која погоди 534 кругови. На третата позиција се пласира Валентина Гоџоска од Ж.С.К Лихнидос со резултат 503 кругови, а добар резултат од 473 кругови како дебитантки постигнаа младите Марија Шиндева од С.К “Стрелец” за пласман на четвртата позиција и Ива Дилевска од С.К “Куманово” која постигна 459 кругови за петто место.

Одлуката на раководството од МССФ да се форсираат и поддржуваат млади категории на спортисти на долг рок се испостави како успешна стратегија многу побрзо од очекуваното, бидејќи Македонското стрелаштво веќе има неколку млади спортисти кои постигнуваат конкурентни и високи резултати за меѓународните натпревари. Останува да се продолжи со редовен систематски тренажен систем проследен со континуирани подготовки и настапи на меѓународните натпревари за да очекуваме наскоро Македонските стрелци со леснотија да учествуваат во финалињата на меѓународните натпревари.