На ден 29.05.2016 година на воздушното стрелиште во Битола, се одржа Државното првенство за 2016-та година со воздушен пиштол и воздушна пушка, во машка и женска конкуренција – Меѓународна програма. На натпреварот настапија 40-тина стрелци од повеќе клубови кои постигнаа одлични резултати.
Стрелачки клуб “Стрелец” Скопје на ова Државно првенство освои: 3 златни 3 сребрени и 2 бронзени медали.
Во категорија воздушен пиштол мажи - сениори златниот медал беше резервиран за Јордан Тасевски од С.К “Стрелец” со резултат 555 круга, веднаш до него на второто место беше новиот член на С.К “Стрелец” Ванчо Каранфилов со резултат од 549 кругови додека на трето место се пласира Блаже Тофиловски со резултат 546 круга од С.К “Работнички”. Останатите наши членови во оваа категорија беа Мартин Гелевски со 538 круга на четврто место и Томе Несторовски со испукани 505 круга на шеста позиција.
Во категорија воздушен пиштол мажи - јуниори исто така од С.К “Стрелец” на првата позиција беше Борјан Бранковски со резултат 555 круга.
Во категорија воздушен пиштол жени – сениорки на првата позиција со златен медал се закити Оливера Н.Бикова од С.К “Работнички” со резултат 371 кругови, на втората позиција исто така од С.К “Работнички” со резултат од 354 круга се искачи Натка Л.Симоновска, додека на третото место овој пат беше Лидија Крстеска од С.К “Стрелец” со резултат 350 круга. Во оваа категорија од нашите стрелци настапи и Вероника Велковска која со резултат од 340 круга се пласира на четвртата позиција.
Во категорија воздушна пушка мажи – сениори на првата позиција се искачи Михаил Шишкоски од С.К “Охрид” со резултат од 595,7 кругови, веднаш до него од С.К “РЕК – Битола” на втората позиција се пласира Мартин Ивановски со резултат од 579,9 круга, додека Драгослав Кудрановиќ од С.К “Стрелец” мораше да се задоволи со третата позиција со резултат од 573,3 круга. Останати стрелци од нашиот клуб кои настапија во оваа категорија се Ѓорѓија Петковски со резултат 553,5 круга на четвртата позиција и Горан Секуловски со резултат од 548,3 на седмата позиција.
Во категорија воздушна пушка мажи – јуниори на првата позиција од С.К “РЕК Битола” убедливо со златен медал се закити Стефан Ѓоргиевски со резултат од 592,9 кругови, додека на втората позиција беше Леон Јаневски од С.К “Стрелец“ со резултат од 565,9 кругови и на третата позиција Васко Попоски со резултат од 548,1 кругови од С.К “Охрид”. Останати стрелци од нашиот клуб кои настапија во оваа категорија е Јован Лазоски кој со големо подобрување после првиот настап со испукани 526,3 круга се пласира на петатта позиција.
Во категоријата воздушна пушка жени – сениорки првото место го освои Нина Балабан од С.К “Стрелец” со резултат од 404 круга, додека на втората позиција исто така од С.К “Стрелец” беше Антонија А. Тасевска со резултат од 390,3 круга.
Кај девојките во категорија воздушна пушка жени – јуниорки златниот медал го освои Ана Iвановска од С.К “Рек Битола” со одличен резултат од 409,2 круга, на втората позиција се искачи Мартина Петровска од С.К “Охрид” со резултат од 401,5 кругa додека на третото место се пласира Јана Маркоска исто така од С.К “Охрид” која имаше резултат од 384,1 кругови.
Со Државното првенство за 2016 година ја завршуваме првата половина од натпреварувачката сезона, ни останува да навиваме за нашиот стрелец Нина Балабан која ќе учествува на Олимписките игри во Рио 2016 и продолжуваме одморени со нови поголеми резултати од септември за останатите Домашни и Меѓународни Купови кои не очекуваат од преостанатиот дел од натпреварувачката сезона за 2016 година.
Покрај успешниот настап на стрелците од клубот на Државното првенство со воздушно оружје од лигата, Стрелачки клуб “Стрелец” – Скопје изразува голема благодарност до Гимназијата Раде Јовчевски – Корчагин од Скопје каде што се наоѓа стрелиштето на клубот за тоа што отстапува простор за редовно спроведување на тренажниот процес на стрелците, кои на секој натпревар даваат се од себе за подобар личен и клубски пласман, со што успеваме да сме најтрофеен и најуспешен Стрелачки клуб во Р.Македонија и се надеваме така ќе продолжиме.