Почитувани стрелци и љубители на спортскот стрелаштво,
На ден 08.08.2020 година на воздушното стрелиште Бејбунар во Охрид, се одржа Државното првенство за 2020-та година со воздушен пиштол и воздушна пушка, во машка и женска конкуренција – Меѓународна програма. На натпреварот настапија 60-тина стрелци од повеќе клубови кои постигнаа добри резултати со оглед на намалениот тренажен процес поради настанатата ситуација со пандемијата од вирусот Ковид-19.
Ова Државно првенство се одржа под посебни безбедносни мерки за заштита на здравјето на сите учесници почитувајќи го Протоколот за одржување тренинг и натпревари во услови на КОВИД-19 за спортско стрелаштво одобрен од Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство на Р.С. Македонија која го усвои истиот и препорача Македонската Спортска Стрелачка Федерација да отпочне со тренинзи и натпревари со строго почитување на протоколот и препораките за спречување и ширење на КОВИД-19. Покрај сите строги мерки и во ситуација на секојдневно ново заразени лица, стрелците и сите учесници покажаа храброст пред се поради љубов кон спортското стрелаштво што учествуваа на ова Државно првенство и голема дисциплина во спроведувањето на протоколот за спречување и ширење на КОВИД-19, а раководството на МССФ покажа дека успешно може да организира државен натпревар и во вакви околности.
Во продолжение Ви ги прикажуваме постигнатите резултати на Државното првенство:
Во категорија воздушен пиштол мажи - сениори златниот медал со одличен резултат од 570 кругови го освои Борјан Бранковски од С.К “Стрелец” Скопје потоа Јордан Тасевски од С.К “Стрелец” Скопје се пласира на второто место и на трето место беше Мартин Гелевски исто така од С.К “Стрелец” Скопје.
Во категорија воздушен пиштол мажи - јуниори исто така од С.К “Стрелец” Скопје на првата позиција беше Александар Мијовски додека на второто место Андреј Ристески од С.К РЕК Битола.
Во категорија воздушен пиштол жени – сениорки на првата позиција со златен медал се закити Вероника Велковска од С.К “Стрелец” Скопје со резултат од 543 кругови, на втората позиција Маја Чешелкоска од С.К “Херој Прилеп” со резултат од 530 кругови додека на третото место овој пат беше Натка Лазарева Симовска од С.К “Работнички”со 518 кругови.
Во категорија воздушен пиштол жени - јуниорки на првата позиција од С.К “Стрелец 09” Прилеп се искачи Марија Тодеска, на втората Мартина Стаменова од С.К “Велес” и на третото место Деспина Башеска од С.К “Стрелец 09” Прилеп.
Во категорија воздушна пушка мажи – сениори на првата позиција со резултат од 598,8 кругови се искачи Драгослав Кудрановиќ” од С.К “Стрелец” Скопје на втората позиција се пласира Михаил Шишкоски од С.К “Охрид” со 591,7 кругови и на трето место Борко Талески од С.К “Херој Прилеп”.
Во категорија воздушна пушка мажи – јуниори на првата позиција од Ж.С.К “Лихнидос” со златен медал и одличен резултат од 594 кругови се закити Бојан Спасеновски, до него на втората позиција со резултат 591,1 кругови беше Мартин Ангелески од С.К “Херој Прилеп” и на третата позиција Јане Џингов од С.К “Стрелец” со 582,1 кругови.
Во категоријата воздушна пушка жени – сениорки првото место го освои Јана Маркоска од С.К “Охрид” со резултат од 594 кругови, додека на втората позиција се пласира Ангела стојановска од С.К “Херој Прилеп” и на трето место од С.К “Охрид” се пласира Мартина Петровска.
Кај девојките во категорија воздушна пушка жени – јуниорки Јована Милевска од С.К “Охрид” го освои златниот медал со резултат од одлични 617 кругови со што постигна нов Државен јуниорски рекорд. Од Јована Милевска се очекуваат уште повисоки резултати и на меѓународните натпревари по враќање на редовниот тренажен процес како и од Анастасија Мојсовска од С.К “Стрелец” Скопје која се пласира на втората позиција со резултат од 609,2 кругови додека на третото место исто така од С.К “Стрелец” Скопје се пласира Божица Велковска со 588,7 кругови.
По успешниот настап на стрелците од клубовите на Државното првенство 2020 со воздушно оружје од меѓународна програма Македонската Спортска Стрелачка Федерација им изрази голема благодарност на сите клубови и стрелци кои учествуваа на ова првенство и порача во понатамошниот период строго да се почитува протоколот за тренинг и натпревари во спроведувањето на тренажниот процес со стрелците додека трае пандемијата со вирусот КОВИД-19.
Текстот е пренесен од МССФ