С.К “Стрелец” со освоени први места во сите категории на III-от КУП од лигата во 2017 год

17819803_10210996466261263_236502651_oПочитувани љубители на Македонското спортско стрелаштво

На ден 14.10.2017 година во воздушното стрелиште во Битола, се одржа III-от КУП од 2017 година, со воздушен пиштол и воздушна пушка, во машка и женска конкуренција – меѓународна програма.

На натпреварот настапија 30-тина стрелци од повеќе клубови кои постигнаа солидни резултати. Како и секогаш Ви ги претставуваме најдобро пласираните стрелци во секоја категорија.

Во категорија воздушен пиштол – мажи, освоени првите три места од нашите пиштоџии од С.К “Стрелец”. Борјан Бранковски го освои првото место со испукани  568 круга, на второ место се искачи Томе Несторовски од С.К “Стрелец” со резултат од 560 круга додека на третото место беше Јордан Тасевски исто така од С.К “Стрелец” со испукани 554 круга.17820120_10210996484341715_1428464670_o

Во категорија воздушен пиштол – жени, овој пат настапи единствено Вероника Велковска од С.К “Стрелец” со резултат од 345 круга.

Во категорија воздушна пушка – мажи, борба во децимали за првата позиција помеѓу Леон Јаневски кој освои 591,9 круга и Драгослав Кудрановиќ кој погоди 591,8  круга и двајцата од С.К “Стрелец”. На третата позиција се искачи Мартин Ивановски од С.К “РЕК Битола” со погодени 586,5 кругови, а веднаш до него на четвртата и петтата позиција се пласираа Јане Џингов со резултат 577,3 и Бојан Симичиев со резултат 575,4 и двајцата јуниори од С.К “Стрелец”.

Кај девојките во категорија воздушна пушка – жени на првото место без потешкотии се искачи искусната Нина Балабан од С.К “Стрелец” со 408,5 круга, до неа на втората позиција беше Мартина Петровска од С.К “Охрид” со резултат од 405,8 круга и на третата позиција Ана Ивановска од  С.К “РЕК Битола” со погодени 402,8. Останатите наши стрелци во оваа категорија мораше овој пат да се задоволат со четвртата и петтата позиција и тоа Сара Томевска од С.К “Стрелец” која испука 398,1 круг и Антонија А.Тасевска од С.К “Стрелец” која имаше резултат од 397,8 кругови.

Покрај успешниот настап на стрелците од клубот на III-от КУП од лигата во 2017 година, Стрелачки клуб “Стрелец” – Скопје изразува голема благодарност до Гимназијата Раде Јовчевски – Корчагин од Скопје во која се наоѓа стрелиштето на клубот за тоа што несебично отстапува простор за редовно спроведување на тренажниот процес на стрелците, кои на секој натпревар даваат се од себе за подобар личен и клубски пласман, со што успеваме да сме најтрофеен и најуспешен Стрелачки клуб во Р.Македонија и се надеваме ќе продолжиме со добрата соработката за уште поголеми успеси.